Државниот долг на САД повторно ја достигна законската граница, овој пат од неверојатните 19.900 милијарди долари, заради што американското Министерство за финансии почна да користи сметководствени маневри како би можело од Конгресот да „купи“ уште неколку месеци за подигнување на лимитот на долгот.
Министерот за финансии на САД, Стивен Менучин, во писмо испратено на законодавците наведува дека почнал да применува книговодствени мерки за да го избегне кршењето на новиот лимит, што е процес кој на Конгресот ќе му овозможи потенцијални пет месеци или повеќе за подигнување на границата на долгот, известува агенцијата АП.
Во ноември 2015 година е суспендирана границата за задолжување, што на владата и овозможи да се задолжува колку што е потребно за да ги покрие обврските.
Сепак, законот го утврди 16 март како датум за истекување на суспензијата на лимитот на долгот.
Јавниот долг на САД, според соопштението на Министерството за финансии, сега изнесува 19.900 милијарди долари, што ќе стане, како што наведува АП, нова граница на задолжувањето, а министерот за финансии ќе мора да превземе низ акции како би можело да се остане под таа граница.
Во писмото за Конгресот, Менучин наведува дека ја запрел продажбата на државните и обврзниците на локалните власти, како и дека ќе ги сопре инвестициите во пензионерските фондови вработени во државниот сектор.







