Британската поремиерка Тереза Меј предупреди дека нејзината смена нема да ги олесни преговорите за излез на Британија од Европската унија, додека одделни пратеници од нејзината Комзервативната партија се закануваат дека ќе и изгласаат недоверба, а поранешниот министер за Брегзит ја обвинува дека не се спротиставила на „малтретирањето“ од страна на официјалните лица на Унијата.
Додека некои конзервативци се обидуваат да соберат поддршка за гласањето за недоверба, Меј порачува дека не размислува за поднесување на оставка.
„Промената на лидерот во овој момент нема да ги направи преговорите лесни, ниту ќе ја смени пресметката во парламентот“, истакна Меј во интервју за телевизијата Скај њуз.
Исто така таа додаде дека следната недела ќе биде клучна за успехот на разговорите за Брегзит и најави дека ќе се состане со лидерите на Унијата пред вонредниот самит на Европскиот совет на 25 ноември, пренесува Гласот на Америка.
Веста дека е постигната спогодба со ЕУ предизвика политичка криза во Британија, со оглед на тоа дека договорот остро го критикуваа и опозицијата и владеачките конзервативци.
Два мистри и неколку државни секретари поднесоа оставки, а повеќе од 20 пратеници упатија официјален повик да се изгласа недоверба на Тереза Меј на местото лидер на партијата, а со самото тоа и премиер. За гласање за недоверба потребно е да се упатат 48 такви писма.
Многу конзервативци кои го поддржуваат излегувањето на Британија од ЕУ, сакаат јасен раскин со Брисел и тврдат дека блиските трговски врски, предвидени со спогодбата, ќе ја претворат земјата во вазална држава.
Според нацрт спогодбата, Британија би ја напуштила Унијата на 29 март следната година, но би останала дел од единствениот пазар до крајот на 2020 година.
Британија би останала и во царинската унија со ЕУ, за да се одбегне поставување на контролни пунктови на ирската граница.







