Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, повеќе не смета дека јавноста има право да го види договорот со „Бехтел и Енка“.
На денешниот брифинг со новинарите таа укажа оти дознала дека документот имал клаузула за тајност и нема зошто тој да биде објавен пред македонските граѓани.
„Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука и дека ќе проверам дали има таква клаузула. Меѓутоа, таква клаузула постои. Таа не обврзува тој да остане во тајност“, рече Грковска.
Во однос на механизмот кој им стои на располагање – опомените за функционери кои го прекршуваат етичкиот кодекс и ја злоупотребуваат својата функција, Грковска нагласи дека без оглед за кого станува збор одлучува исклучиво врз основа на аргументите.
Прашана, пак, дали има притисоци од страна на некои функционери, одби да одговори.
„Без оглед на се, и без оглед за кого станува збор, одлучуваме исклучиво врз основа на аргументи. Сведоци сте дека, барем судејќи според тоа на кои функционерите на кои им е ‘укажано’ дека грешат, е очигледно дека не не засега многу за кого се работи. Важно ни е само тоа дали ги прекршиле правилата или не. Има промена во однесувањето, тоа се гледа“, рече Грковска.
Таа посочи дека е дадена препорака секое министерство и секоја институција да има лице задолжено за имплементирање на етичкиот кодекс.
„Во добра насока сме. Досега не сме имале случаи на изрекување мерки и опоменување за лошо однесување на функционери. Тоа е процес кој, се надеваме, еден ден ќе не доведе до ситуација кога свесноста на функционерите ќе биде на тоа ниво какво што е во поразвиени демократски држави. Преку ноќ ништо не се менува“, рече Грковска.
Одговарајќи на прашање што доколку некој и понатаму го прекршува кодексот, „дисциплинецот“ Грковска истакна дека доколку тој продолжи да го прави тоа за кое е опоменат, обврзани се да го информираат премиерот, кој пак требало да одлучи за каква мерка ќе се определи. Мерките, посочи таа, биле да побара оставка, разрешување и јавна опомена.







