Интеграциите на Македонија во ЕУ и реформските процеси биле во фокус на разговорите помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и еврокомесарот Јоханес Хан, кои остварија средба во рамки на работната посета на опозициската делегација во Брисел.
Mицкоски во изјава по средбата потенцираше дека го известил Хан дека заостануваат реформските процеси во земјава. Според лидерот на опозицијата, власта спроведува лоши економски реформи, а не се случува ништо од аспект на реформите во судството и судскиот систем.
„Го понудивме сиот наш човечки и административен потенцијал како ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да допринесеме и да дадеме вредност на она што се вели дека е можна побрза интеграција на Република Македонија во рамките на Европската Унија“, потенцира Мицкоски и истакна дека опозицијата останува на браникот на заштита на државните и национални интереси.
Додаде дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ го запознала еврокомесарот со содржината на средбата која што ја остварија пред некој ден во клубот на пратениците, со владините претставници и претседателот Иванов.
Мицкоски истакна дека го виделе предлогот што Нимиц им го доставил на преговарачите, а како што рече, истиот повеќе или помалку веќе и бил познат на јавноста.







