Судењето за случајот „Монструм“, продолжува на 31 август, со сослушување на заштитениот сведок од страна на Судот.
Во текот на денешното сведочење во Кривичниот суд сведокот рече дека вечерта, на 12 април 2012 година, кај Смилковското езеро, видел четири мртви тела, но оти не се сеќава дека имало уште едно тело. Тој откри дека на местото на убиството видел и автомобил „голф“ и уште две возила на чии марки не можел да се сети.
Заштитениот сведок, кого присутните во судница го следеа на видеобим, со заматен лик и мутиран глас, денеска одговараше на прашања на адвокатите.
„Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.
На доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Откако предметот го презеде СЈО, Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За законот се уште се недостапни Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
Судијата, Огнен Ставрев, рече дека денеска добил писмо од министерката за правда, Рената Дескоска-Тренеска, дека постапката за екстрадиција на двајцата избегани е во процедура.







