Русија раноутринава изврши ракетен напад врз украинскиот главен град Киев, при што беа повредени осум лица и оштетени станбени згради и индустриски објекти, информираше градоначалникот Виталиј Кличко. Нападот го потврди и Антон Герашченко.
Тоа беше првиот голем ракетен напад на Киев во последните неколку недели.
Кличко на „Телеграм“ истакна дека единиците за противвоздушна одбрана го одбивале нападот и дека парчиња од проектили паднале во различни делови на градот.
„Веќе има осум повредени како резултат на нападот на непријателот“, рече Кличко.
Тој додаде дека остатоци од соборен руски проектил погодиле неколку станбени згради, индустриски објекти и градинка.
„Службите за итна медицинска помош се на терен во различни делови на главниот град, а противпожарните единици гаснат неколку пожари“, информираше Кличко.







