Советниците на општина Центар со 12 гласа „за“ донесоа одлука да не се гради сервисна улица долж Кејот, од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на Телеком. Наместо улица, решено е да биде поставено зеленило, клупи, чешми и жардинери со дрвја кои би имале функција на дрвореди.
Граѓаните, сопственици на објектите на кејот на Вардар кои присуствуваа на седницата, со аплауз го поздравија носењето на оваа одлука.
Наместо да разговараат за решавање на проблемот, советниците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски дека „фрлал магла во очите на граѓаните“ со стопирање на изградбата, бидејќи не сработил ништо во својот 4-годишен мандат.
„Ние водиме сметка за интересите на граѓаните и убедени сме дека најголемиот дел од нив се против уништување на шеталиштето на кеј. Одобрението за изградба на оваа улица е издадено од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во сабота, на 31 декември, денот на дочекот на новата 2017 година, а пред два дена, во сабота, инвеститорот почна со изведување на градежните работи без никаква документација за изградба на ова градилиште. Битката ќе ја водиме до крај, со сите законски можни механизми. Приоритет ни е да не се изгуби шеталиштето на граѓаните, а за тоа дали е нешто сработено или не, граѓаните наскоро ќе одлучат на избори.
Иако рекоа дека ќе застанат зад интересите на граѓаните, сепак не гласаа за одлуките.
Советниците од коалицијата предводена од СДСМ го задолжија Секторот за инспекциски работи на општина Центар веднаш да спроведе инспекциски надзор за да се утврди дали е сторена повреда или пропуст во однос на преземените градежни активности од инвеститорот или од надлежни органи за изградба на улицата, на потегот од улицата Филип Втори Македонски до Камениот мост.







