Многу бура се крена околу квалификацискиот натпревар за Светското првенство во фудбал помеѓу Косово и Шпанија.
Имено, Фудбалскиот сојуз на Шпанија при претставувањето на својата екипа за мартовските натпревари од квалификациите за Светското првенство во 2022 година, истакна дека противник ќе им биде „територијата Косово“.
Шпанија не го признава Косово како посебна држава, а овој потег ги разбеснал сите во косовската фудбалска федерација. Стигна одговор од претседателот на тој сојуз, Агим Адеми.
„Косовскиот сојуз е полноправен член на УЕФА и ФИФА, со истите права и обврски како и другите 55 и 211 членови. Мораме да ги играме натпреварите по правилата на УЕФА и ФИФА и според основните принципи на спортот. Го почитуваме ФС на Шпанија, но нема да прифатиме какво било кршење на правилата, посебно не на оние наши права како нација“, изјави Адеми за „Марка“.
Адеми не сакал да навлегува повеќе во детали, туку, како што напоменал, ќе ги чекал случувањата.
Министерката за надворешни работи на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја истакна дека „натпреварот мора да се игра според правилата на ФИФА“, додека од ФС на Шпанија истакнаа дека тие само ќе ги почитуваат правилата кои ќе им ги наметне Министерството за надворешни работи.
(Фото: ЕПА)