Рускиот Врховен суд пресуди дека ЛГБТ движењето е „екстремистичко“, а овој потег, според предупредувањата на организациите за заштита на човековите права, ќе и овозможи на Русија уште поголем притисок врз геј и трансродовите лица.
На 17 ноември руското Министерство за правда побара од Врховниот суд, земјата да прогласи нешто што го нарекува „меѓународно ЛГБТ социјално движење“ – за „екстремистичка“ организација, влевајќи страв во ЛГБТ заедницата, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Министерството, во соопштението во кое најави тужба, навело дека властите во активностите на ЛГБТ движењето во Русија идентификувале „знаци и манифестации од екстремистичка природа“, вклучувајќи и „поттикнување на општествена и верска неслога“.
После сослушувањето зад затворени врати, Врховниот суд денеска објави дека го одобрил барањето на Министерството, „меѓународното ЛГБТ општествено движење“ да се означи како екстремистичко, со што се забрануваат неговите активности во Русија.
Руските организации за човекови права побараа од Врховниот суд да го отфрли барањето, предупредувајќи дека „невозможно е да се нарече група луѓе ‘општествено движење’ само затоа што се обединети со некои лични карактеристики“.
Овој потег претставува најнов и најдрастичен чекор во децениското задушување на правата на ЛБГТ лицата во Русија, започнато во времето на претседателот Владимир Путин, кој „традиционалните семејни вредности“ ги постави како основа на неговото владеење.
Некои ЛГБТ активисти стравуваат дека екстремистичката ознака ќе биде насочена кон кој било член на заедницата, без оглед на нивната вклученост во ЛГБТ организациите.
Игор Кочетков, активист кој ја предводи организацијата наречена „Руска ЛГБТ мрежа“, претходно рече дека ЛГБТ организациите ќе бидат принудени да се затворат, да одат во илегала или да работат од странство доколку Судот се согласи со Министерството за правда.
„Правната активност на ЛГБТ организациите и иницијативите во Русија ќе стане невозможна“, напиша тој во објавата на Телеграм на 17 ноември, денот кога руското Министерство го поднесе својот случај до Врховниот суд.
Според рускиот закон за екстремизам, кој беше донесен во 2002 година, секоја означена организација е всушност забранета, а таа мерка со годините се менуваше и заоструваше.
Други групи кои се сметаат за екстремистички се Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални, Јеховините сведоци и од неодамна Мета, матичната компанија на Фејсбук.
Укинувањето на правата на ЛГБТ лицата во Русија започна пред една деценија.
Кремљ во 2013 година го усвои првиот закон кои ги ограничува ЛГБТ правата, познат како закон за „геј пропаганда“, забранувајќи секакво јавно прикажување на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетници.
Путин во 2020 година изврши уставна реформа за да го продолжи своето владеење за уште два мандати, која исто така забранува истополови бракови.
По започнувањето на инвазијата на Украина во 2022 година, Кремљ ја засили својата реторика за заштита на „традиционалните вредности“ од она што го нарече „понижувачко и деградирачко“ влијание на Западот.
Истата година, властите усвоија закон со кој се забранува пропаганда на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу возрасни.
Уште еден закон усвоен во 2023 година забранува медицинска промена на полот, како и промена на полот во документи и јавни евиденции.
Исто така, беше изменет и Семејниот законик на Русија, кој промената на полот ја наведува како причина за поништување на бракот и им забранува на оние кои го промениле полот да станат згрижувачки родители или посвоители.
(Фото: Ројтерс)







