Најсиромашната држава во Европа, малата, немирна и заборавена Молдавија минува низ вистинска голгота. Оваа земја е на крстопат.Растргната меѓу нејзините надежи, совеста и амбициите.Одеднаш, Молдавија, слепото црево на Европа, стана геостратешки важна, дури и пресудна. Се прашува каде понатаму?Кон Русија или, пак, таму каде што припаѓаат – кон Европа. Оди на работ на умот.
На главниот плоштад на главниот град Кишињев, десетици илјади луѓе, според проценките на полицијата 75 илјади, пред извесно време бараа „европска Молдавија“, а претседателката Маја Санду го повикува Брисел до крајот на оваа година да го отвори преговарачкиот процес.
Пред околу една година, Украина и Молдавија добија статус на кандидати, а сега и двете земји не сакаат тоа да биде само формален, симболичен гест, туку да се конкретизираат работите, затоа што тие го сфатиле тоа сериозно.
Молдавија сега е на крстопат.
Москва не седи со скрстени раце. Додека во центарот на Кишињев луѓето излегоа да поддржат побрза интеграција во Европа, проруските сили на приодите кон градот организираа свои собири за поддршка на Русија.
Според последните истражувања на јавното мислење, околу 55 отсто од Молдавците го поддржуваат членството во ЕУ, но околу 25 отсто од нив се за „поблиски врски со Русија“.
Во исто време, пишува „Политико“, 25 отсто од жителите сметаат дека Владимир Путин е одговорен за војната во Украина, а 18 отсто го вперуваат прстот во САД. Исто така, Путин и Володимир Зеленски се речиси подеднакво најпопуларните странски државници!
Токму затоа Молдавија дојде до „сега или никогаш“. Им се брза и на двете опции. Молдавија речиси целосно енергетски зависи од Русија, но Маја Санду отворено во интервју за „Политико“ вели дека „нема да ја поддржи руската агресија на Украина во замена за поевтин руски гас“. Но, било како било, Молдавија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа – околу 29 отсто, а нивниот БДП падна за 5,9 отсто! Затоа Санду очекува поконкретна помош од ЕУ.
Да потсетиме, во февруари беше обелоденет разузнавачки извештај, во кој се вели дека Москва се обидува да ја дестабилизира Молдавија, и да ги собори, дури и насилно (се споменуваше и можен државен удар) ако треба, проевропската влада и претседателката, и да ја претвори Молдавија во нова Белорусија или, како што за „Политико“ вели аналитичарот на „Атлантски Совет“ од Вашингтон, Арнолд Дупуј: „Кремљ се обидува од Молдавија да создаде јужен Калининград“ (Калининград е руска енклава на Балтикот, создадена околу поранешниот германски град Коенигсберг, што како воен плен го доби по Втората светска војна).
Неодамна, еден од првите соработници на Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, ја нарече Молдавија „легитимна мета“ на Русија, односно отворено им порача: „Вие сте новата Украина!“.
Сместена меѓу Украина и Романија, моментално е една од главните земји на НАТО на своето југоисточно крило, а на своја територија ја има проруската парадржава Придњестровје, каде што се стационирани околу 1.500 руски војници под „превезот“ на мировници. Се претпоставуваше дека овие руски сили, како и вооружените сили на Придњестровје, требало да учествуваат во нападот на Одеса, ако дојдеше до него, како што замислувале руските воените стратези при планирањето на руската инвазија на Украина.
Во Придњестровје, чии власти сакаат припојување кон Русија, се наоѓа и еден од најголемите воени магацини на оружје со околу 20 илјади тони муниција од различен калибар.
Непосредно пред најавата на руската офанзива на Донбас, генералот Рустам Минекаев, тогашен командант на Централниот воен округ, отворено, без заобиколување, рече дека „контролата над југот на Украина е важна поради копнената врска со Придњестровје“. Напомена и дека во Молдавија има „примери за загрозување на руското и рускојазичното население“, што особено предизвика вознемиреност бидејќи, меѓу другото, ваквите „закани за загрозување на Русите“ беа причината и реториката што се користени како „оправдување“ на агресија врз Украина.
Ова се некои од главните спорни точки на патот на Молдавија кон Европа.
Но, дека Маја Санду е сериозна покажа со тоа што најави и постепено одвојување од „рускиот Комонвелт“ – Заедницата на независни држави.
Санду истакна дека Молдавија излегува од многу договори на ЗНД, особено оние кои се однесуваат на заедничката одбранбена и безбедносна политика, и дека земјата никогаш повеќе нема да биде домаќин на самити или какви било собири на оваа „заедница“.
Една од многу важните идентификациски одлуки и потврда на новата агенда е прогласувањето на романскиот за главен државен јазик.
Ги повика сите политички сили да се сретнат и да се договорат за европскиот пат на Молдавија, но веднаш одбија да дојдат поранешниот проруски претседател, Игор Додон, и претставници од партијата на пребеганиот молдавски тајкун обвинет за кражба на милијарда долари од буџетот, Илан Сор (некаде пишува Шор, бидејќи е и израелски државјанин).
Додон и Сор ја обвинуваат Санду дека води „непријателска политика кон Русија“ со цел да им се додвори на своите „западни шефови“, иако негираат дека се „проруски политичари“, но сметаат дека Молдавија е „побезбедна под руската капа“.
Пред Молдавија претстојат одлучувачки денови, а многу нешта ќе зависат од ситуацијата на украинското боиште.







