Ракавиците се фрлени – опозицијата бара предвремени избори, а власта – уставни измени. И за двата процеса е потребна соодветна поддршка, а на чија страна ќе натежне тасот на вагата, ќе зависи од аргументацијата на двете страни. Кон крајот на месецот ќе биде појасно во која насока ќе се движат процесите.
Според најавите на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, оваа недела конечно треба да се формализира процесот на консултации, на тема – уставни измени.
„Досега сè е на разговори по ходници, но треба да почнат јавни дебати во кои ќе се вклучат експерти, политичари, невладини организации, пред се, во парламентот. Да видиме кои се ризиците, кои се аргументите, а и Владата да направи формален исчекор со седнување на маса со сите, на тема – уставни измени и евентуални разговори за вин-вин решение“, рече Османи.
Во разговор за „Слободен печат“, нагласи дека по ова прашање и тој имал некои идеи, а како најприфатливо го објасни решението кое би ги имало предвид сите грижи на страните, во однос на ова прашање со Бугарија.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат нивниот став дека нема да поддржат уставни измени, а она што ќе го поддржат бидејќи го сметаат за неминовност – се предвремени парламентарни избори.
„Промените почнаа и враќање нема“, порача и во честитката до граѓаните Христијан Мицкоски, кој 2023 ја опиша како „година во која промените ќе ја доживеат својата полна сила“.
Партијата, вели, сега ќе се обиде да го реализира она што не и успеало пред една година.
„Минатата година, за жал, не успеавме да најдеме 61 глас. Се надеваме дека оваа година ќе дојдеме до таа бројка (61) кои ќе го распуштат парламентот и наместо премиер избран од неколкумина, ќе имаат Влада и премиер кои ќе бидат избрани од народот и ќе имаат премиер и влада кои што ќе бидат народни. Ќе сториме се што е во наша моќ тоа да го направиме“, рече вчера Мицкоски во гостување на МРТ.
Во ноември 2021 година, Мицкоски на прес-конференција покажа список со потписи на 61 пратеник кои, споре него, го сочинувале новото парламентарно мнозинство.
Опозицијата поднесе иницијатива во Собранието за гласање недоверба на Владата, но се покажа дека и недостига еден глас за да обезбеди кворум. Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, се предомисли и не му даде поддршка на Мицкоски.
Се појавија тврдења дека, наводно, бил киднапиран, но тој ги демантираше тие информации. На прес-конференција објасни дека се потпишал на иницијативата за гласање недоверба на Владата, но во име на европските интеграции – сепак решил да не гласа.
Се чини дека овој пат опозицијата е попретпазлива, за да избегне реприза на таков случај. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека имаат комуникација со сите поголеми опозициски партии, и дека поддржуваат секаква искрена иницијатива која е во насока на рушење на власта, но не обелоденуваат детали.
„За секое подетално сценарио кое би било во таа насока, во овие моменти би се воздржале од јавно коментирање, затоа што тоа содржи детали околу кои сите политички чинители кои посакуваат промени треба да се согласни“, изјавија од партијата за Дојче Веле минатата недела.
Како соодветен период за изборен натпревар Мицкоски ја посочи средината на мај.
Од Владата повторуваат дека во 2023 нема, и не треба да биде изборна година, бидејќи има активности кои не треба да бидат прекинати, како што е скринингот со ЕУ кој треба да заврши во ноември 2023 година. На истото се осврнува и Османи, коментирајќи ги условувањта со предвремени избори.
„Навистина е некоректно кон граѓаните, едно важно прашање за државата да го ставите во трансакциски однос со избори. Не е фер да им кажете – јас ќе ви ја кочам иднината ако вие не ми дадете власт, ви ги терам вашите деца иднината да ја бараат надвор, да не можете да си планирате иднина овде зашто ние сметаме дека ние треба да бидеме на власт. Мислам никој не би се осмелил вака да им каже на граѓаните, а изгледа дека суштината е тоа. Има простор за да најдеме заеднички јазик со опозицијата во однос на грижите што може да ги има кон евроинтегративниот процес. Ќе биде државнички чекор доколку смогнеме сили и го тргнеме овој проблем и мислам дека тоа ќе ослободи еден сериозен потенцијал на државата и внатре и на меѓународна сцена“, вели Османи.
(Извор: „Дојче Веле“)







