Полските камионџии продолжуваат да држат блокади на неколку гранични премини долж границата со Украина, барајќи ограничување на увозот на стоки од нивниот источен сосед и предупредуваат за нелојална конкуренција.
На почетокот на месецот полски камионџии поставија протестни бариери на три гранични премини долж приближно 530 километри долгата полско-украинска граница, заради што моментно во колоните долги повеќе десетици километри има околу 2.300 камиони.
Камионџиите се убедени дека Украина го презема полскиот пазар, што им штети на работата.
Павел Озигала, шеф на штрајкувачкиот одбор во пограничниот град Дорохуск, изјави за Би-Би-Си дека неговата компанија досега загубила околу 100.000 евра поради укинувањето на ограничувањата за увоз од Украина.
„Ја поддржуваме Украина, но мораме да мислиме на своите семејства“, рече тој.
Земјоделците во селото Медика на југоистокот на Полска денеска се приклучија на протестот на камионџиите кои тврдат дека се тешко погодени од падот на цената на житото поради увозот од Украина.
Така, половина од осумте гранични премини меѓу Полска и Украина сега се делумно или целосно затворени.
Истовремено, расте незадоволството и меѓу украинските возачи на камиони, кои повеќе од десет дена се заробени во колони пред граничните премини поради се пониските температури и лошите хигиенски услови, за што се одговорни и властите во Киев.
Организаторите на „затворањето“, кои имаат важечка дозвола за одржување протести до јануари, дозволуваат минување на патнички автомобили, возила со патници, како и доставување хуманитарна и воена помош за Украина.
Во меѓувреме, во соработка со Брисел, се уште траат преговорите меѓу Варшава и Киев за изнаоѓање конечно решение за ситуацијата, но засега тоа е без успех.
Украина, меѓу другото, како услов за продолжување на преговорите бара укинување на барикадите, но полските демонстранти засега немаат намера да се откажат.







