Речиси 10 милијарди фунти се избришани од пазарната вредност на „Астра Зенека’ поради загриженоста дека новиот лек за рак на белите дробови можеби нема да биде толку успешен како што се очекуваше.
Акциите на англо-шведската фармацевтска компанија паднаа за цели 6 отсто вчера наутро, откако беа објавени првите резултати од испитувањето за „датопотамаб дерукстекан“, бележејќи најголем пад меѓу ФТСЕ 100 компании.
Од фирмата истакнаа дека истражувањата покажале оти лекот, кој го развива со „Даичи Санкио“ (Daiichi Sankyo), може да го запре напредувањето на ракот кај пациентот, подолго од „доцетаксел“, лек што моментно се смета за стандард за хемотерапија, но дека е премногу рано да се каже, врз основа на статистичките податоци, дали пациентите ќе живеат подолго.
Сузан Галбрајт, извршна потпретседателка за онколошко истражување и развој во „Астра Зенека“, рече дека резултатите од испитувањето даваат убедлив доказ за идната потенцијална улога што лекот може да ја игра во лекувањето на пациентите со рак на белите дробови.
Меѓутоа, инвеститорите избришаа речиси 10 милијарди фунти од пазарната вредност на компанијата за лекови вредна 174 милијарди фунти, откако аналитичарите ја протолкуваа претходната студија како показател дека лекот можеби нема да биде толку успешен како другите кои ги разви „Астра Зенека“, како што е на пример „Енхерту“ (Enhertu).
Некои аналитичари ги поздравија резултатите како генерално позитивни, но велат дека лекот „можеби не е најдобар во апсолутна смисла на која се надеваа инвеститорите“. Продажбата на новиот лек, проценија тие, ќе чинела од 10 до 18 милијарди долари.
Аналитичарите во Берклејс и Кредит Свис рекоа дека акционерите побарале од „Астра Зенека“ да ги прогласи резултатите за „клинички значајни“. Од фирмата, пак, истакнуваат дека клиничкото значење е „субјективна проценка“ и дека за толкување на резултатите е потребна дополнителна анализа.
(Фото: Ројтерс)







