Меѓународниот кривичен суд денеска издаде налози за апсење на поранешниот руски министер за одбрана, Сергеј Шојгу, и за водечкиот руски генерал, началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, за наводни злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина.
„Шојгу и Герасимов се обвинети дека се одговорни за воени злосторства, за насочување напади на цивилни објекти и нанесување прекумерни случајни повреди на цивили, како и за злосторства против човештвото со извршување на ‘нехумани дела’“, се вели во соопштението за јавноста.
Судот соопшти дека судиите утврдиле дека постојат „оправдани причини да се верува дека двајцата осомничени се одговорни за ракетните напади кои ги изведувале руските вооружени сили против украинската електроенергетска инфраструктура од барем 10 октомври 2022 година до 9 март 2023 година“.
Русија тврди дека енергетската инфраструктура на Украина е легитимна воена цел и негира дека напаѓа цивили и цивилни објекти.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го поздрави потегот на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на поранешниот министер за одбрана и началникот на Генералштабот на Русија, велејќи дека тоа е „важна одлука“.
„Шојгу и Герасимов сносат лична одговорност… тие ќе одговараат за злото“, напиша Андриј Јермак на Телеграм.
Рускиот совет за безбедност, пак, денес соопшти дека налогот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на поранешниот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, е дел од хибридната војна против Москва, пренесува државната новинска агенција ТАСС.
Шојгу минатиот месец беше сменет од функцијата министер за одбрана и беше назначен за секретар на моќниот руски Совет за безбедност, во најзначајните промени кои рускиот претседател, Владимир Путин, ги направи во неговата воена команда од почетокот на војната во 2022 година.
Со потерниците за Шојгу и Герасимов, вкупниот број на потерници издадени против високи руски воени и цивилни лица од почетокот на инвазијата е осум.
Меѓу нив е и Путин, осомничен за воени злосторства заради депортација на украински деца во Русија.
Трибуналот нема своја полиција, заради што за апсења се потпира на државите-членки.
Во временската рамка наведена во најновите налози, Русија се сомничи дека извршила напади врз бројни електрани и трафостаници низ Украина.







