Бразилскиот фудбалер Нејмар рече денеска дека елиминацијата од Светското првенство во Русија е најтажниот момент во неговата досегашна кариера.
Нејмар, еден ден после поразот на Бразил од Белгија во четвртфиналето на Мундијалот, ја објави пораката на неговиот профил на Инстаграм.
„Можам да речам дека ова е најтажниот момент во мојата кариера. Толку боли затоа што знаевме дека можеме понатаму, дека можеме да испишеме историја… Тешко е сега да пронајдеш сила и повторно да заиграш фудбал, но сигурен сум дека Господ ќе ми даде сила да се соочам со што било“, напиша Нејмар.
Тој пораката ја заврши со зборовите дека сонот на Бразил за шестата титула првак на светот е прекинат, но дека останува да живее во „нивните мисли и срца“.
Последната титула Бразил ја освои во 2002 година.







