Наградуваниот дебитантски филм на Хана Јусиќ „Не ми гледај во чинијата“ е хрватски кандидат за наградата Оскар на Американската академија за филмски уметности и науки, во категоријата најдобар филм на странски јазик, одлучи вчера комисијата на Хрватските филмски работници (ХДФД).
Хрватското здружение на филмски работници секоја година одбира долгометражен игран филм кој ќе биде претставник на Хрватска во натпреварувањето за Оскар, а оваа година петнаесетчлената комисија одлуката ја донесе во вториот круг од тајното гласање со мнозинство од членовите, со осум гласови „за“.
Се бираше меѓу пет пријавени филмови, освен „Не ми гледај во чинијата“ во конкуренција беа „Министерство за љубов“ на Пава Маринковиќ, „Се најдобро“ на Снежана Трибусон, „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ и „Тревога на Зелениот врв“ на Чејен Черниќ.
„Не ми гледај во чинијата“ е филм за растењето и семејните односи, во чие средиште е една девојка (Миа Петричевиќ) која со семејството кое живее во мал стан е на чуствителна граница меѓу љубов и нетрпеливост.
Откако доминантниот татко ќе доживее мозочен удар, таа ја превзема грижата за него и за домот, додека неодговорната мајка и интелектуално заостанатиот брат само ја отежнуваат и онака тешката ситуација.
Во главната улога е Миа Петричевиќ, архитект, која ја прифатила улогата од љубопитност, а другите улоги ги толкуваат Никша Бутијер, Аријана Чулина (во својата прва филмска улога) и Златко Буриќ.
Од светската премиера на минатогодишниот Венецијански филмски фестивал, каде што ја доби наградата ФЕДЕОРА, за најдобар европски филм, филмот учествуваше на бројни меѓународни фестивали, од каде не ретко се враќаше со награди.







