Тринаесет членки на европската асоцијација на конзервативни десно-центристички партии (ЕПП) – додуша, за сега, без Меркеловата ЦДУ на листата – вчера побараа итно исклучување на партијата Фидес на Виктор Орбан од својата асоцијација. Истовремено, тие побараа и итна реакција на Европската унија кон својата членка Унгарија со соодветни санкции.
Причина? Неодамнешните „султански“ овластувања кои Унгарскиот парламент му ги овозможи на Орбан во борбата против вирусната епидемија. Од Фидес возвраќаат и велат дека се работи за „лов на вештерки“ од страна на нивните колеги од ЕПП и дека драконските овластувања на Орбан се лимитирани само додека трае епидемијата, а потоа демократската контрола во земјата ќе биде вратена во рацете на парламентот. Каде што Орбан и така има неограничена власт.
За Орбан и неговото владеење е веќе доволно речено и напишано. Суспендирањето на демократијата во својата земја е проект врз кој тој неуморно работи со години наназад. Тоа што неговите „сопартијци“ од ЕПП дури сега се чувствуваат повикани да го исклучуваат од своите редови е нивен, а не проблем на Орбан. Просто речено, Орбановиот став, од поодамна, не е претерано да се опише како: „Баш ме заболе!“
Но, во време кога – што би рекол Иван Крастев – по кратка, кризна постапка се укинува и демократијата, а и капитализмот во светот, и кога државата повторно ги добива своите „левијатански“ овластувања и капацитети по кои отсекогаш сонува, Орбан нема да има никаков посериозен проблем да ги исмее, овојпат со силна поддршка на своја страна, барањата за негово „демократско“ санкционирање.
Глобално, здравствената криза (која уште не е ни приближно ескалирана до своите максимални трагични димензии) несопирливо прераснува во најопасната економска криза во последните стотина години и брзо се „прелева“ со мортална закана врз демократијата во светот.
…
Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука







