Во вторник идната недела се очекува да продолжи исплатата на субвенциите од 2016 година. Сите пречки на преостанатите 25 милиони евра за 24.000 апликанти се надминати, освен прашањето со АД Водостопанство, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Спорен него, се работи со надчовечки напори за да им се излезе во пресрет на земјоделците, а субвенциите најпрво ќе ги добијат тутунарите. Деноноќно се внесуваат податоците на должниците кон АД Водостопанството во подружниците што е единствениот останат услов за да продолжи исплатата.
„Со министерот за финансии направивме надчовечки напори за средствата да бидат обезбедени. Блокадата од АД Водостопанството трае, но се надевам дека до вторник ќе биде разрешени зашто правам силен притисок во интерес на земјоделците. Тие треба да ја знаат вистината. Со директорот на претпријатието договоривме да овластивме луѓе кои деноноќно ќе работат за да ги внесат податоците во подружницата за должниците“, истакна Николовски.
Во однос на УЈП, додаде, пречката е отрстранета. Земјоделците иако имаат неплатени даноци, ќе можат да добиваат субвенции. Надминат е и проблемот со Платежната агенција, односно со обработката на софтверските решенија зашто бил истечен договорот.
„Подготвени сме да извршиме исплата на субвенциите во истиот момент кога ќе бидат изготвени решенијата во Платежната агенција. Се надевам дека до вторник, во текот на денот, целата постапка ќе биде завршена и ќе биде одблокиран процесот на исплатата на субвенциите, а тутунарите првенството ќе ги добијат средствата“, подвлече министерот.
Потврди и дека синоќа Владата ја усвои Одлуката за дополнителна поддршка на овоштарите.
„Со оваа Одлука ќе се реши проблемот со праските, но не смее да се дозволи во иднина да има вакви ситуации, особено ако е од субјективен карактер. Не смее еден дефект на цевка да се поправа 30 дена и поради тоа да не се дистрибуира вода во насадите. Тоа е недозволиво и е целосна непрофесионалност на АД Водостопанство и ќе мора да се понесе одговорност“, напомена министерот Николовски







