Тунискиот претседател, Каис Саид, ја отфрли финансиската поддршка која ЕУ ја најави за земјата во септември, делумно за да помогне во борбата против илегалната миграција, оценувајќи дека таа е во спротивност со договорот потпишан пред три месеци.
Потегот на Саид би можел да го поткопа „стратешкото партнерство“ од јули, кое вклучува мерки за борба против шверцерите на луѓе и за заострување на контролите на границите, по наглото зголемување на бројот на бродови кои од северноафриканската земја одат кон Европа, пишува Ројтерс.
Имено, Европската комисија минатиот месец објави дека ќе плати 127 милиони евра помош за Тунис како дел од јулскиот договор за борба против илегалната имиграција од Африка во Европа.
„Тунис го отфрла она што ЕУ го најави, не поради малата сума (…) туку затоа што предлогот е во спротивност со меморандумот за разбирање потпишан во јули“, рече Саид.
Договорот од јули, потсетува Ројтерс, вклучуваше помош за Тунис од една милијарда евра, која, освен за справување со миграциската криза, би послужила и како „инјекција“ за економијата и државните финансии.
Сепак, малиот износ кој Комисијата го објави пред десетина дена предизвика фрустрација кај туниските власти, кои се борат да ја подобрат состојбата на јавните финансии, а и го поттикна стравот меѓу агенциите за кредитен рејтинг дека тамошната влада во месеците што доаѓаат може да пропушти да ги плати странските долгови.
Спорот меѓу двете страни, наведува Ројтерс, се совпаднал со доаѓањето на рекорден број мигранти од Тунис и Северна Африка на италијанскиот остров Лампедуза.
Тунис, така, минатата недела ја одложи посетата на делегацијата на Европската комисија за да разговара за деталите од спогодбата за миграции.
Исто така, минатиот месец забрани влез на пет членови на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на состаноци за политичката ситуација во Тунис, велејќи дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи на земјата.
Некои европски земји, вклучително и Германија, се спротивставуваат на договорот од јули, тврдејќи дека тој не се однесува на политичката ситуација и прашањата за човековите права откако Саид ја презеде власта, го затвори тунискиот парламент и почна да владее со декрет, што тамошната опозиција го карактеризира како државен удар.
(Фото: Илустрација / Ањо Кан – Дримстајм)







