Помала група демонстранти се судри вечерва со полицијата во париското предградие Бобини на протестите организирани поради прекумерно полициско насилство.
Мирните протести излегоа од контрола кога група демонстранти ја нападнаа полицијата и запалија еден автомобил. За да ги одврати престапниците полицијата истрелала солзавец.
Неколку стотици демонстранти со денови протестираат во северноисточното предградие на Париз, барајќи правда за дваесет и двегодишно црномуресто момче кое минатата недела доживеа полициска тортура во текот на редовна проверка на личните документи.
Момчето Тио, чие презиме не е објавено, изјавило дека четири полицајци го удирале, прскале со солзавец и го силувале со полициска палка.
Еден полицаец минатата недела е обвинет за силување, а тројца за тежок напад.
Тио задобил тешки телесни повреди и е опериран, а и понатаму се наоѓа во болница каде што вчера попладне го посетил претседателот на Франција, Франсоа Оланд.









