Српската амбасада во Хаг доби ново обвинение за непочитување на судот против лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, и четворица негови соработници – Миљан Дамјановиќ, Љиљана Михајловиќ, Огњен Михајловиќ и Мирољуб Игњатовиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчеравечер гостувајќи во РТС го коментираше обвинението.
„Стигна ново обвинение против Воислав Шешељ и четворица негови соработници за непочитување на судот.
На сите овие притисоци да се додаде уште нешто“, рече Вучиќ.
За потсетување, Воислав Шешељ со правосилната пресуда на Хашкиот суд во 2018 година беше осуден на десет години затвор за поттикнување на прогон, депортација и присилно раселување и преселување на Хрватите во селото Хртковци во Војводина во 1992 година.
Шешељ на 6 мај 1992 година во Хртковци одржа говор, за кој Апелацискиот совет на Механизмот за меѓународни кривични судови, кој е наследник на некогашниот Хашки суд, оцени дека значително придонел за прогони, депортации и други нехумани дела.
Шешељ моментно е на слобода во Србија, бидејќи ја отслужи казната додека беше во притвор од 2003 до 2014 година.







