Само два дена по трагедијата во белградското Основно училиште „Владислав Рибникар“ каде загинаа девет лица, медиумите од поранешна Југославија ја пренесоа веста за ново пукање и жртви кое се случи во Србија.
Кај Младеновац, во местата Дубона и Шепшин, нешто пред полноќ убиени се осум лица, а 14 се ранети.
Се стравува дека бројот на жртвите може да биде поголем со оглед на фактот дека повеќето од ранетите се во животна опасност.
Осомничен за убиствата е дваесет и едногодишниот Урош Б., кого полицијата го уапси во близина на Крагуевац.

Министерот за внатрешни работи, Братислав Гашиќ, оцени дека се работи за терористички акт.
Урош Б. доцна синоќа, прво, од автомобил „мерцедес“ во движење пукал во група луѓе кои седеле околу логорски оган, на пикник. Потоа се вратил во автомобилот и продолжил со крвавиот чин. Дошол на друга позиција, неколку километри потаму, излегол од „мерцедесот“ и отворил оган кон четири лица кои ја поправале капијата во дворот. На крајот се одвезол до центарот на селото Дубона и повторно пукал. Таму уби две лица. Полицаец кој не бил на должност и неговата сестра. Убиецот потоа побегнал.
Полицијата го утврдила идентитетот на напаѓачот и набрзо по него била распишана потерница.
По него до рано утрово трагаа повеќе од 600 припадници на српското Министерство за внатрешни работи. Ангажирани биле лица од Управата за криминалистичка полиција, жандармеријата, специјална антитерористичка единица и полициски хеликоптери. Во потрагата по Урош биле користени и дронови.
Српски медиуми пред малку пренесоа информација дека осомничениот за убиството имал двајца соучесници, од кои едниот бил убиен во размена на оган со полицијата. Засега оваа информација не е официјално потврдена.
Во општина Младеновац пред 10 години се случи масовно убиство кога во селото Велика Иванча на 9 април 2013 година Љубиша Богдановиќ (60) застрела 13 соседи – шест мажи, шест жени и едно бебе.







