Советот за доверба и безбедност на Твитер, составен од речиси стотина независни организации за граѓански и човекови права, е распуштен во понеделникот вечерта, само неколку часа пред да се сретне со претставници на компанијата, пренесува британски „Гардијан“.
Распуштениот Совет беше создаден во 2016 година и се занимаваше со прашањето за говор на омраза, експлоатација на деца, самоубиства и други проблеми на платформата.
„Нашата работа за тоа да го направиме ‘Твитер’ безбедно и информативно место ќе продолжи уште побрзо и уште поагресивно.
За тоа како да ја постигнеме таа цел и понатаму ќе продолжиме да ги поздравуваме вашите идеи“, пишува во мејлот што Твитер го испрати до членовите на Советот при укинувањето на телото.
Распуштањето на ова тело е продолжение на превирањата во компанијата откако неа ја презеде јужноафриканскиот милијардер Илон Маск.
Американските и британските медиуми пишуваат и дека поранешниот водечки функционер за безбедност на Твитер, Јоел Рот, морал да го напушти својот дом поради нападите, меѓу кои наводно бил и оној на Илон Маск.
Додека бил вработен на Твитер, Рот се грижел за тоа кои објави треба да се отстранат и кои профили да бидат суспендирани.
Тој, имено, се најде во центарот на вниманието откако Маск ги објави таканаречените „Твитер датотеки “ – серија интерни документи кои бизнисменот ги сподели и ги шири на платформата преку новинари.Тие содржеа, меѓу другото, различни информации за состанокот на Рот со ФБИ за изборите во 2020 година и за тоа дека Твитер бришел објави за деловните активности на Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, во Украина.
Маск на Твитер го критикуваше Рот и поради неговата академска статија за децата и сексуалноста, а американските медиуми тврдат дека сопственикот на компанијата тој текст погрешно го протолкувал.
Укинувањето на Советот за доверба и безбедност не е првото „сечење“ на претприемачот во неговата нова компанија: тој отпушти поранешни вработени кои го критикуваа и го намали влијанието на Одделот што го следеше вознемирувањето преку Интернет.
Самиот Илон Маск често прибегнува кон лични напади на Твитер, а освен Рот, на својот профил повика и на кривично гонење на највисокиот американски функционер за здравство, Ентони Фаучи.
Оваа постапка беше осудена во Белата куќа.
„Тие коментари се одвратни и немаат никаква врска со реалноста“, изјави Карин Жан Пјер од службата за односи со јавност на американскиот претседател.
Инаку, критичарите му замеруваат на Фаучи за мерките што ги користел во борбата против корона вирусот, за носењето маски, за држењето дистанца и за вакцинацијата.







