Последен пат кога претседателот Владимир Путин беше на едно од неговите ретки патувања надвор од Русија, камерите уловија интересен детал.
Веднаш штом излегол од авионот на аеродромот во Техеран, неговите телохранители внимателно го следеле.
Додека одеше кон црната лимузина, од сите страни беше опкружен со обезбедување. Целосно го сокрија од очите на новинарите додека ја соблекувал јакната, а потоа, по влегувањето во возилото, со крпа внимателно ја избришале рачката на вратата што Путин ја допрел.
Некои шпекулираа дека отпечатоците биле избришани затоа што рускиот претседател има двојници кои треба да го заменат во деликатни ситуации и не сакаат тие отпечатоци да дојдат во рацете на Западот.
Шефот на украинската воена разузнавачка служба, генерал-мајор Кирило Буданов, тврди дека Путин има најмалку тројца двојници.
„Конкретно знаеме за три лица кои постојано се појавуваат, но не знаеме колку има вкупно“, рече Буданов минатото лето, додавајќи дека сите направиле пластична операција.
„Ги издава висината. Тоа е видливо на снимките и фотографиите. Ги откриваат и гестовите, говорот на телото и ушите, затоа што тие се кај секој човек посебни“, наведе Буданов.
Познато е и дека Путин патува во странство со тим од телохранители кои дури му ги собираат изметот и урината и ги враќаат во Москва, а сето тоа од страв дека тоа би можело да открие премногу информации за него и неговото здравје.
Шест или седум припадници на обезбедувањето од руската Федерална служба за заштита го придружуваат рускиот претседател до тоалетот за време на неговите патувања.
Пред четири години, новинарот на Би-Би-Си, Џон Фишер, сподели видео на Твитер на кое се гледаат двајца телохранители на Путин како ја чуваат вратата од тоалетот, додека уште две лица излегоа од тоалетот, од кои едното носеше торба.
Потоа излегува уште еден телохранител, а потоа Путин, заедно со уште двајца чувари.
Откако Русија ја нападна Украина, Путин стана многу внимателен и го намали воздушниот сообраќај на најмала можна мерка, а како што пишува рускиот истражувачки портал „Досие Центар“, кој е финансиран од страна на рускиот тајкун во егзил Михаил Ходорковски, тој најчесто се движи низ Русија – со железница.
Не е тајна дека за него пред неколку години е направен специјален оклопен воз, но дури во екот на подготовките за руската инвазија на Украина почна поинтензивно да го користи.
Возот е специјално опремен, а Путин патува во претседателскиот вагон со работна соба и спална соба, која содржи и софистицирана опрема за комуникација.
Возот чини близу 13,5 милиони долари, а Путин го користи не само за патување низ Русија, туку и за пократки рути, од центарот на Москва до една од своите службени вили во предградието.
Посебната претседателска композиција ја направи компанија поврзана со неговиот пријател Јури Ковалчук, кој наводно управува со куќите и вилите на претседателот, вклучувајќи ја и онаа на езерото Валдај, за која се вели дека му е омилена.
Рускиот портал „Проект“ наведува дека до три куќи на Путин во Русија тајно биле изградени шини за тој да може набрзина да излезе од возот и веднаш да дојде до неговата „дестинација“.
Една таква линија, наводно, е видлива на сателитските снимки и води до куќата на Путин во Сочи, друга до резиденцијата во Ново Огарјово, а третата до Валдаи.
Кога Путин е во Москва, возот обично се наоѓа во заштитениот дел на железничката станица „Каланчевска“, во центарот на главниот град.
Тоа е своевидна ВИП платформа опкружена со бодликава жица и надгледувана со безбедносни камери.
Однадвор возот изгледа како секој друг руски патнички воз, но кога и да поаѓа, ги менува сите возни редови бидејќи има апсолутен приоритет, пренесува „Јутарњи лист“.







