Судијката на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, Сандра Крстиќ, вчера доцна попладне на барање на Специјалното јавно обвинителство донесе решение за замрзнување на имотот на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, против кого се води постапка во случајот Труст, а којшто во моментов е во бегство, дознава Актуелно, од извори од скопска единица.
Решението, според нашите информации, опфаќа замрзнување на три милиони евра од приватна сметка, сиот движен и недвижен имот и сметките на компанијата „Трансмет“, хотелот „Елит плаза“ во Скопје, и имоти на уште 50 други имотни листови чиј сопственик е осомничениот Сеад Кочан.
Одлуката за замрзување на имотот веднаш е испратена до СЈО.
Сеад Кочан, за кого има донесено решение за притвор, а заради негова недостапност е распишана потерница за приведување, се сомничи дека во 2011 година за тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина до комисијата доставил фалсификувани документи за, наводна, техничка и кадровска опременост на неговата компанија „Трансмет“, и на тој начин заедно со „Силекс неметали СТ“ и „Вато“, незаконски наплатил 17,2 милиони евра.
Во случајот на СЈО именуван како „Труст“ второосомничен е Василије Авировиќ, управителот на „Силекс неметали СТ“, а третоосомничен е Сафет Ватиќ, првиот човек на фирмата Вато од Студеничани.







