Контроверзниот инфлуенсер Андреј Тејт е обвинет во Романија за силување, трговија со луѓе и формирање на организирана криминална група за сексуално искористување на жени.
Обвинети се уште и неговиот брат Тристан и двајца соработници. Сите ги отфрлија обвинувањата.
Браќата Тејт првпат беа уапсени во нивната куќа во Букурешт во 2022 година. На 31 март тие беа префрлени од притвор во домашен притвор после таква одлука на романскиот судија.
Во обвинението поднесено пред судот во Букурешт се наведува дека четворицата обвинети во 2021 година формирале организирана криминална група за шверц на луѓе во Романија, но и во други земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија.
Се знае за седум жртви кои браќата ги регрутирале со лажни ветувања за љубов и брак.
Судењето се очекува да трае неколку години, јавува Би-Би-Си, и додава дека романскиот судија сега има 60 дена да ги разгледа списите во предметот пред да го испрати на судење.







