Европскиот систем за брзо предупредување во трговијата со храна (RASFF) на својата веб-страница објави дека се повлекува уште еден производ. Станува збор за чај од мента од Хрватска направен со суровина купена во Србија.
Во чајот се пронајдени пиролизидински алкалоиди. Ризикот по здравјето може да биде мошне сериозен, предупредуваат надлежните.

„Пиролизидинските алкалоиди можат да бидат многу токсични за луѓето“, истакнуваат од ЕПО, независна компанија која произведува висококвалитетни ботанички екстракти.
Пиролизидинските алкалоиди ги произведуваат растенијата за да се одбранат од штетници и тревопасни животни, а се идентификувани во околу 6.000 ботанички видови.
Овие соединенија можат да бидат многу опасни за црниот дроб и белите дробови, а случаите на токсичност на црниот дроб заради голтање на растенијата со вакви соединенија датираат од 1920-тите.
Најголеми ризици се за големите консументи на чаеви, за медот, но може да се контаминира и добиточната храна.
Пиролизидинските алкалоиди можат да навлезат во овие намирници преку диви самоникнати растенија или преку полен, во случајот со медот.
Хрватската агенција за храна наведува дека овие алкалоиди во високи дози може да доведе до откажување на црниот дроб, што може да резултира и со смртен исход.
Вообичаен хроничен ефект на алкалоидите вклучува штетни ефекти врз црниот дроб, но и врз белите дробови.
(Извор/Фото: Н1.хр)







