На жителите на поголемиот дел од Холандија им е кажано да останат во куќите бидејќи ретка летна бура утринава го погоди холандското крајбрежје, предизвикувајќи ветрови со брзина до 145 километри на час и сериозно нарушувајќи го воздушниот и железничкиот сообраќај.
Националниот метеоролошки институт издаде највисоко ниво на предупредување до жителите на провинцијата Норд-Холандија, која го опфаќа и Амстердам, повикувајќи ги да не ги напуштаат своите домови и да повикаат итна медицинска помош во ситуации опасни по живот.
Бурата наречена „Поли“ е најлошата досега во Холандија во текот на летните месеци и најсилната од јануари 2018 година, објави метеоролошката агенција „Виронлајн“.
Силните бури во Холандија обично се случуваат помеѓу октомври и април.
Последната голема летна бура во земјата беше во 2015 година и беше прва по повеќе од еден век.
Локалната телевизија АТ5 јави дека две лица се повредени во Амстердам кога дрвја паднале врз нивните автомобили.
Градскиот аеродром „Шипхол“, еден од најпрометните во Европа, откажа повеќе од 300 летови, рече портпаролот, а сообраќајот се очекува да биде ограничен најмалку до 15 часот по локално време.
Железничките оператори „НС“ и „Арива“ ги прекинаа сите услуги на северот на земјата, а автопатот северно од Амстердам беше затворен поради паднати дрвја.
Невремето ќе се движи источно преку северот од земјава, а попладне се очекува да слабее.
(Фото: АФП)







