Градинката „Калинка“ во населба Железара, која е клон од градинката „Детска радост”, ќе биде темелно реновирана.
Oпштина Гази Баба во соработка со приватни компании ќе ги подобрува условите во сите градинки, а планира да изгради и нова во Стајковци.
„Со заеднички средства, старите и дотраени врати и прозорци на објектот ‘Калинка’ ќе бидат заменети со нови. Покрај ова, согласно со потребите ќе се обнови и внатрешниот дел на градинката со цел да им се овозможат подобри услови за престој на децата“, изјави денеска на прес-конференција градоначалникот Борис Георгиевски.
Тој додаде дека следен проект на кој ќе работат е зголемувањето на капацитетот на оваа градинка.
„Просторот кој сега го користат од јавната установа Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје за лица со попреченост, ќе биде предаден на градинката, со што ќе се зголеми капацитетот за 75 деца. Со овој простор, во градинката ќе обезбедиме и работа во втора смена.
За потребите на децата со попреченост Општина Гази Баба и министерството за труд и социјална политика ќе изградат нов дневен центар за згрижување деца со попреченост, со површина од 170 квадратни метри во Автокоманда“, истакна Георгиевски.
Во завршна фаза е, посочи градоначалникот, експропријацијата на земјиште во Стајковци, на улица 18, со површина од 2000 квадратни метри, и откако тој процес ќе заврши ќе се почне со изградба на градинка, што е предвидено за во почетокот на август годинава.







