Унгарија го блокираше заедничкото соопштение на земјите-членки на Европската унија за налогот за апсење на Владимир Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, пишува „Украинска правда“.
Поради ветото на Унгарија, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, даде изјава само во свое име и во неа се наведува дека „ја примил до знаење одлуката на Меѓународниот кривичен суд“.
„Овој потег е само почеток за повик за одговорност на Русија за злосторствата во Украина, а исто така и важна одлука за меѓународната правда и за Украинците“, рече Борел во неделата.
Министрите за правда на земјите членки на ЕУ, пак, излегоа со заедничка изјава во која ја поддржаа одлуката на хашкиот Суд.
Но, Унгарија, повторно, како и многу пати досега, застана на страната на Путин и не ја потпиша изјавата.
Се очекува дека за налогот за апсење на Путин ќе се расправа на самитот на Европскиот совет на 23 и 24 март, пишува Блумберг, кој наведува дека заклучоците би можеле да бидат слични на изјавата на Борел.
Но, според Блумберг, некои лидери на ЕУ може да бараат уште посилна и појасна осуда на Путин и поддршка за одлуката на МКС.







