Косово ќе поднесе барање за членство во Европската унија до крајот на годинава, информираше денеска во Тирана косовската претседателка, Вјоса Османи.
„Денеска, овде, пред сите лидери на ЕУ, ќе објавам дека Косово до крајот на оваа година ќе ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ“, рече Османи.
„Тука сум како водач на најпроевропската земја што постои“, додаде таа по пристигнувањето на состанокот на лидерите на ЕУ и колегите од Западен Балкан во главниот град на Албанија.
Османи посочи дека Косово ја поддржува политиката на Унијата за надворешни работи и безбедносни прашања, вклучително и „хармонизирање на санкциите против Русија, како и отфрлање на секое злонамерно влијание на фактори како Русија и Кина“.
Косово е една од шесте земји на Западен Балкан.
Земјата се одвои од Србија во 1999 година и прогласи независност во 2008 година.
(Фото: АФП)