Под мотото „За рамноправност – за живот во Гевгелија“, Форумот на жени на СДСМ го организираше традиционалниот марш во чест на 8 Март.
Маршот се организира веќе пет години по ред, во различни градови низ Македонија, а на него маршираат илјадници жени.
„Од ова место, од овој плоштад ние жените гордо и недвосмислено го креваме гласот за нова страница во македонската историја.
Изминавме долг и тежок пат последните 10 години соочени со сиромаштија, со неправда, економско пропаѓање, со корупција и криминал, со уназадување на веќе стекнатите права, со тагата по нашите синови и ќерки кои ни заминаа во странство барајќи подобар живот.
Но драги мои, сите ние жени, членки и симпатизерки, поддржувачи на вистинските вредности, слобода, правда и демократија, покажавме и докажавме дека сме истрајни, силни, храбри, достоинствени и верни на овие вредности.
Нашата цел е да живееме во праведно, хумано и демократско општество, еднакво за сите. Ние знаеме како, истакна координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова.
На собирот говореше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој и денеска испрати порака за промена на власта по мирен пат. Тој во своето обраќање го оцени како голем придонесот на жените во борбата за рушење на, како што рече, режимот. Пред социјалемократките Заев вети низа измени на закони со кои ќе се подобриат условите за работа на жените и уште еднаш потсети дека се формира реформска, европска Влада којашто ќе обезбеди живот за сите жени, за сите граѓани во Македонија.
„Ова денеска е марш на победата за Мира. Самохрана мајка, која ризикуваше да го изгуби своето работно место, бидејќи и лани стоеше со нас овде кога зборувавме за промените. Денес Мира заедно со вас ги донесе промените.
Ова е марш и за победата на Назифе. Денес и Назифе е носител на промените во Македонија.
Ова е марш и за Јелена, и за Фатма, и за Фаница, и за Александра… Ова е марш за жените кои се Клара Цеткин и Роза Луксембург на денешнината во Македонија.
Тоа се жените кои заедно чекореа за права и правда сиве овие години. Ги споделуваа солзите по своите деца во странство, зашто болката не познава различност.
Денес ја споделуваат радоста на промените, затоа што и насмевките не познаваат различност.
Вие сте симболот на еднаквоста. Вие дарувате живот. А животот е еден. И може да биде убав. И може да биде квалитетен. И правичен. Во едно општество за сите во кое што сите мајки и сите деца имаат исти права да бидат исто среќни.
За тие права заедно се боревме и за тие права заедно сите се изборивме.
Бидете горди на себе, заради тоа што заедно испишавме историја за Македонија“, рече Заев.








