Драганчо Стоименов, телохранителот на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е се уште недостапен за органите на прогонот по инцидентот што се случи вчера попладне во Кочани, а обвинителството попладнево соопшти дека го гони за обид за убиство.
Утрово се приведени уште три лица кои присуствувале во кафе барот „Аква“ во Кочани каде Стоименов со пиштол го рани Драган Здравев и избега.
„Надлежен јавен обвинител заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи синоќа го заврши увидот на лице место во угостителски објект во Кочани, каде вчера околу 17:00 часот едно лице беше рането со огнено оружје. Прибрани се траги од местото на настанот кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадени се наредби за прибирање податоци и земање исказ од очевидци, како и претрес на лица и објекти со цел утврдување на фактите во предметот, соопшти денеска Јавното обвинителство од Кочани.
Инцицентот се случи вчера во 17 часот, кога повеќемина кои седеле заедно на маса почнале да се расправаат. Стоименов извадил пиштол и испукал куршуми кон Здравев.
Поради сериозноста на повредите, Здравев заедно со еден од сведоците со кој седеле заедно на маса, бил пренесен во Клиничкиот ценар каде се наоѓа надвор од животна опасност.
„По претходно преземена координирана акција, утринава уште три лица кои присуствувале на кривично правниот настан се лишени од слобода и со нив се превземаат дејствија во насока на расчистување на настанот. Во моментов сторителот е недостапен на органите на прогонот, се наведува во соопштението.







