Во Италија е уапсен сицилијанската мафијашки шеф Матео Месина Денаро (60), кој беше 30 години во бегство.
Истрагата што доведе до апсење на шефот на Коза Ностра ја координирале обвинителот на Палермо, Маурицио де Лусија, и заменик-обвинителот, Паоло Гвидо, дознава новинската агенција АНСА.
Според достапните информации, тој е уапсен во приватна клиника во Палермо. Во поликлиниката „Мадалена“ во Палермо, според информациите на италијанските истражители кои по мафијашкиот бегалец трагаат цели три децении, кога дошол на редовен преглед кој го правел неколку пати годишно поради здравствени проблеми, ништо не било оставено на случајноста.
Меѓу болничкиот персонал, карабинерите незабележливо се инфилтрирале за, кога ќе дојде време за почеток на акцијата и апсењето, никој да не бил повреден. Според пишувањето на италијанските медиуми, биле најмалку 20, а при самиот чин на апсење 60-годишниот Матео Месина Денаро не давал отпор. Никој од останатите пациенти, наведуваат упатените, не се нашол во опасност.
Месина е осуден во отсуство на доживотен затвор за неговата улога во убиствата на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.
Се соочува и со доживотна казна затвор за учество во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано во 1993 година, во кои загинаа 10 лица.
Веста за апсењето ја поздрави италијанската премиерка Џорџиа Мелони. Таа истакна дека ова е „голема победа за државата која покажува дека никогаш не се откажува пред мафијата“.
Полицијата во септември 2022 година соопшти дека Денаро сè уште можел да командува и да ја контролира мафијата во областа околу западниот сицилијански град Трапани, неговото регионално упориште, и покрај тоа што бил во бегство.
Матео Месина Денаро се смета за наследник на историските лидери на Коза Ностра, Тото Риина и Бернардо Провенцано, кои починаа во затвор во 2016 и 2017 година.
„По 30 години бегство, ‘супербосот’ Матео Месина Денаро е уапсен. Им благодарам на мажите и жените во земјата кои никогаш не се откажаа и го потврдија правилото дека порано или подоцна големите криминалци ќе бидат уапсени“, напиша на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини.
На листата на полицијата, Матео Месина Денаро, роден 1962 година близу Трапани на Сицилија, бил на прво место меѓу шесте најбарани криминалци и со години стотици полицајци и карабињери учествувале во потрагата по него.
„Од 2000-тите, италијанската полиција извршила бројни апсења и запленувала имоти на луѓе блиски до Денаро, во стратегија со која настојувала да го изолира, но резултатите морале да се чекаат речиси 20 години, бидејќи неговата мрежа за поддршка била голема“, пишува агенцијата АФП.
„Форбс“ во 2010 година го сврсти Месина меѓу десетте најопасни бегалци во светот, а пред него тогаш беше само Осама бин Ладен.
Опишан е како „крволочен женкар кој е подготвен да го убие секој, кого било, што ќе му се најде на патот“.
Своевремено се фалел дека може „да наполни гробишта со луѓето што ги убил во својот живот“.
(Фото: „Палермо Тудеј“)







