Украински дрон удри утринава во зграда во средиштето на Москва откако, според изјавите на руски официјални лица, го срушила руската противвоздушна одбрана.
Воздушниот промет на сите аеродроми во главниот град на Русија, веднаш по инцидентот, е прекинат.
Сведок на Ројтерс кој бил на тоа подрачје пишува дека слушнал „силна експлозија“.
Фотографиите покажуваат работници и припадници на екипите за итни случаи како го проверуваат оштетениот покрив на зградата во која удри дронот.

Руското Министерство за одбрана и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рекоа дека нема жртви откако противвоздушната одбрана уништила беспилотно летало кое потоа удрило во зграда од комплексот „Експо центар“ во Москва денеска во раните утрински часови.
„Експо центар“ е група изложбени павилјони и повеќенаменски сали на помалку од пет километри од Кремљ.
„Утрово околу 4.00 часот по московско време, режимот на Киев изврши уште еден терористички напад користејќи беспилотно летало врз објекти лоцирани во Москва и Московската област“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Киев се уште не ја коментирал експлозијата во Москва.
Воздушниот сообраќај беше прекинат на четирите главни аеродроми околу руската престолнина – Внуково, Домодедово, Шереметјево и Жуковски.
Руската агенција за воздушен транспорт соопшти дека седум летови биле пренасочени на алтернативни аеродроми.
Воздушните напади со беспилотни летала длабоко во Русија во последно време се зголемија.
Цивилни области на главниот град беа погодени во мај, а московската деловна двапати беше гаѓана за три дена овој месец.
И Украина и Русија негираат дека гаѓаат цивили и цивилна инфраструктура во речиси 18-месечната војна.
Украина обично не коментира кој стои зад нападите на руска територија, иако официјални лица јавно изразија задоволство поради нив.







