Не така одамна, распоредот за патување на Далај Лама беше преполн. Откако тибетскиот духовен водач побегна во Индија во 1959 година, за шест децении тој посети десетици земји и се сретна со членови на кралски семејства, верски водачи и со четворица американски претседатели. Неодамна 88-годишникот го забави темпото.
Една од причините се неговите години, Ковид исто така му го отежна патувањето како и казните што Кина им ги изрече на неговите домаќини затоа што го сметаат за сепаратист. Иако не бил во странство од 2018 година, тој ветил дека ќе продолжи да патува низ Индија, пренесува „Економист“ (The Economist).
Меѓу прогонетите Тибетанци и нивните симпатизери се појави загриженост кога во октомври Далај Лама откажа четири патувања во Индија. Една од државите што требаше да ги посети беше Аруначал Прадеш, североисточна држава за која Кина тврди дека е нејзина територија и накратко и окупираше поголем дел од земјата за време на едномесечната војна со Индија во 1962 година. Спорот околу таа држава и другите погранични области повторно се разгоре кога Далај Лама последен пат го посети Аруначал во 2017 година.
Портпаролите на Далај Лама за откажувањето на патувањата го обвинија грипот. Патем, истакнаа дека нема закана за неговото здравје, напоменувајќи дека продолжил со редовните активности во својот дом во Дарамсала, северна Индија. Меѓутоа, не открија дали индиската влада, со која вообичаено се консултираат пред патувањата, побарала да се одложи патот до Аруначал.
Владата на Индија претходно соопшти дека Далај Лама може слободно да патува насекаде низ Индија, а минатата година тие помогнаа да се организира неговата посета на индискиот регион Ладах – местото на неодамнешните гранични судири со кинеските трупи.
Откажувањето на патувањата секако упатува на напнатата геополитичка ситуација која го опкружува духовниот водач во неговата старост. Неговите активности, посебно во пограничните области, може да предизвикаат нова криза во и онака нестабилните индиско-кинески односи.
Здравјето на Далај Лама е се поголема загриженост за индиските и кинеските власти, како и за тибетските будисти.
Сите се подготвуваат за разорниот период по неговата смрт, за кога се очекува дека Кина ќе именува противнички наследник кого, според тибетската будистичка традиција, неговите соработници веројатно ќе го идентификуван како реинкарнација на Далај Лама.
Првиот знак за промена во плановите на Далај Лама дојде кога од неговата канцеларија објавија дека посетата планирана од 16 до 22 октомври на североисточната држава Сиким и на соседниот Западен Бенгал е одложена поради поплави.Локалните медиуми потоа објавија дека тој ја откажал посетата на Аруначал за која министерот најави дека ќе се одржи во октомври или ноември.
Од канцеларијата на Далај Лама соопштија дека лекарите на духовниот водач му рекле дека секое патување ќе бара многу труд.
Понатаму наведоа дека ќе ја посетат Бодхаја во декември, но не ја споменаа посетата на Аруначал – родното место на претходниот Далај Лама.
Тензин Лекшај, портпарол на тибетската влада во егзил, вели дека канцеларијата на Далај Лама никогаш официјално не го потврдила патувањето во Аруначал и дека здравјето на лидерот е секако еден фактор што треба да се земе предвид.
„Каде и да отпатува, Далај Лама не сака никакви непријатности за земјата домаќин“, рече Лекшај.
Времето е чувствително и за Кина и за Индија, чиј територијален спор го вклучува и кинескиот регион Аксаи Чин, за кој Индија тврди дека е свој.
Во последниве години спорот повторно се разгоре долж границата, а еден од најтешките судири се случи во 2020 година кога беа убиени 20 индиски и четворица кинески војници. Вториот конфликт што се случи во декември минатата година предизвика полесни повреди на двете страни.
Кина неодамна повторно го побара Аруначал, регионот кого го нарекуваат „Зангнан“, што значи Јужен Тибет.
Издадоа свои имиња за тамошните села и официјална карта што го прикажува Аруначал во нивните граници. Како одговор, Индија започна протести и го испрати својот министер за одбрана, Рајнат Синг, во североисточната држава.
И покрај кренатата прашина, се чини дека ниту една страна не сака конфликт.
Како резултат на разговорите меѓу воените команданти од јуни 2020 година, Кина и Индија ги повлекоа трупите од повеќето гранични жаришта и воспоставија тампон зони без патроли.
Кси Џинпинг, лидерот на Кина, е поподготвен отколку во последните години да ги стабилизира односите со Индија.
Една од причините може да биде да се обесхрабри Индија да воспостави поблиски воени врски со Америка.
Стабилизацијата на границите се чини дека е приоритет и за индискиот премиер, Нарендра Моди, кому му е потребен кинески увоз за да ги постигне своите економски цели.Можеби и се плаши дека понатамошните внатрешни борби може да ја нарушат неговата популарност на изборите што треба да се одржат во 2024 година.Политичките противници, пак, го обвинуваат дека премногу лесно отстапува територии.
Во меѓувреме, тибетската влада во егзил мора да ја балансира загриженоста за здравјето на Далај Лама со потребата да ги промовира неговите вредности и размислување.
Исто така, мора да ја задржи поддршката од Индија, за која се надева дека ќе обезбеди светилиште за реинкарнацијата на Далај Лама што ќе ја изберат неговите следбеници.
„Би сакале да веруваме дека Индија ќе го прошири договорот и на следниот Далај Лама“, рече шефот на тибетската влада во егзил, Пенпа Церинг.
Сегашниот Далај Лама вели дека деталите за својата реинкарнација ќе ги разработи кога ќе наполни 90 години, а често си предвидува дека ќе живее повеќе од 113 години.







