Претседателот Стево Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието рече дека нема да има правда сè додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои стојат коруптивни мотиви. Потсети на тезата дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор, но дека истото треба да важи и за луѓе од правосудството, за кои истакна дека се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека се збогатиле со пари од народот.
За неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент со право не се задоволни, вели дека најголем дел од одговорноста паѓала врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до денес, до сите кои заедно со него се на чело на институциите на централно и локално ниво.
„Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. Во таков амбиент, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност. Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите“, истакна Пендаровски.
Претседателот истакна дека судирот меѓу криминалците и граѓаните со образ, а вели имало многу такви во државава, имао неколку цели: да нема апсења заради замајување на јавноста, да има изречени долгогодишни затворски казни и да се врати украденото, но и да се почитува презумпцијата на невиност.
„Државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со пари украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и ќе ги исмеваат сите станати од безбедна дистанца. Не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, истовремено да се почитува пресумпција на невиност, да не ги осудуваме луѓето во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. Сите наши напори ќе паднат во вода ако правосудните органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено своите сè уште неродени деца и внуци. Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, меѓутоа нема да има правда и сè додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои верoјатно стојат коруптивни мотиви“, кажа Пендаровски.
Во делот од обраќањето за војната во Украина, претседателот рече дека ние не ѝ помагаме на Украина затоа што сме членки на НАТО, туку затоа што малите држави мора да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи, додавајќи дека во свет кој се потпира врз аргументите на сила, нашите шанси за опстанок се еднакви на нула.







