Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинителниот акт за предметот „Пуч“.
Фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт, како што тврдат од СЈО, била во спротивност со доказите со кои ова јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.
„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука“, додаваат од СЈО.
„Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, велат од СЈО.
Предметот „Пуч“ го отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а Специјалното јавно обвинителство го презеде овој случај, бидејќи е поврзан со незаконското прислушување.
Лидерот на СДСМ е четвртообвинет во овој случај. Првообвинет е Зоран Верушевски, обвинети се и неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.
По објавувањето прислушувани разговори на високи функционери од страна на опозицијата, сопружниците Верушевски, Лазаревски, Заев и Палифров беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“.







