Општина Делчево објави повторен конкурс за доделување на ученички стипендии на одлични ученици од Средното општинско училиште „М.М.Брицо“ од II, III и IV година.
Како што изјави советникот за образование при Општина Делчево, Ванчо
Новоселски, огласот се повторува од причини што одреден број ученици се добитници на државна стипендија.
„Согласно пропишаните услови од Министерството за образование и наука на РСМ за добивање на државна стипендија е учениците да не се приматели на стипендија од други институции. Од таа причина го повторуваме огласот за ученички стипендии, при што во рамки на повторно објавениот конкурс, ќе бидат доделени вкупно девет стипендии за одлични ученици од гимназијата „М.М.Брицо”, изјави Новоселски.
Првата категорија, како што додаде е наменета за ученици чии родители се невработени.
„Во оваа категорија предвидени се осум стипендии за одлични ученици од гимназијата ,,М.М.Брицо”, чии родители се невработени, со ниски месечни примања или приматели на социјална помош. Во втората категорија, една стипендија ќе биде доделена на ученици од СОУ „М.М.Брицо„ Делчево кои постигнале особено висок успех во учењето и притоа освоиле најмалку една награда во поединечна категорија со освоено прво, второ или трето место на државни или регионални
натпревари. Деталите за условите и критериумите се објавени на огласната табла во Општината и гимназијата, а се објавени и на општинската веб страница“, појасни Новоселски.
Висината на стипендиите од точка 1 од конкурсот ќе изнесува 1.000 денари месечно, а висината на стипендијата од точка 2 од конкурсот ќе изнесува 1.500 денари месечно, а ќе се доделува девет месеци почнувајќи од месец јануари 2020 година.
Конкурсот трае 10 дена од денот на објавувањето, а рокот за пријавување е до 26 декември 2019 година.







