Прв пат од 2014 година „големата тројка“ предводена од српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, Шпанецот Рафаел Надал и Швајцарецот Роџер Федерер сезоната ја завршија на првите три позиции на АТП ранг листата.
Ова е седми пат „големата тројка“ сезоната да ја заврши на позициите еден, два и три, меѓутоа, никогаш порано не се случи во текот на иста година сите тројца да бидат на првото место на АТП листата.
За 31-годишниот Ѓоковиќ ова е петти пат сезоната да ја заврши на прво место, затоа што тоа претходно му успеа во 2011, 2012, 2014 и 2015 година. Само некогашниот американски тенисер Пит Сампрас шест пати годината ја завршуваше на лидерската позиција.
На второпласираниот Надал ова е 10 пат во кариерата да е меѓу двајцата најдобри тенисери, еднаш помалку од Швајцарецот Федерер, кој рекордни 14 пати сезоната ја завршува меѓу „Топ 3“ тенисери.
Ѓоковиќ е прв со 9.045 бодови, го следи Надал со 7.840, додека Федерер е трет со 6.420.







