Советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, кој утрово пристигна во Скопје, во владата беше пречекан и оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски и дел од министрите.

„Нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. За овие предизвици, но и за многу други теми ќе разговараме на денешните средби“, посочи премиерот Ковачевски на својот Фејсбук-профил пред средбата со Шоле.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и тој на Фејсбук, во врска со средбата во Владата со Шоле напиша дека проектите и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог се солидна основа за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и унапредување на билатералните врски.
„Благодарност за поддршката за нашето претседавање со ОБСЕ во услови на актуелните безбедносни предизвици. Европската перспектива и за присуството на САД во регионот како значаен влог во стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. Како НАТО сојузници остануваме обединети во поддршката за Украина и одбраната на споделените демократски вредности“, напиша Османи.
Ковачевски на Шоле му подари дрес од македонската репрезентација со неговото име.

Посета на Шоле на земјава е во рамки на балканската турнеја, за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.
Тој од Скопје заминува за Приштина на средби со владини претставници, политички лидери и претставници на граѓанското општество. Во фокусот на разговорите ќе бидат напорите на САД да помогнат во унапредувањето на косовската и евроатлантската интеграција, вклучително и преку дијалогот олеснет од Европската унија за да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусирани на меѓусебното признавање.
Шоле, утре ќе продолжи во Белград, каде со раководството на српската Влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во Дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово.







