Во кинескиот град Вухано денес почнаа 7-те ЦИСМ светски воени игри кои ги отвори претседателот на Кина, Си Џинпинг.
Џинпинг на состанокот со официјалните лица на Меѓународниот сојуз за воени спортови (ЦИСМ) и со претставниците на државите учесници изрази очекување дека моќта на спортот ќе биде мост за комуникации меѓу различни култури и ќе ги собере народите во срцето на мирот.
Во следните 10 дена 9.308 воени спортисти од 109 членки на ЦИСМ ќе се натпреваруваат во 27 дисциплини на досега рекордни 329 спортски настани.
ЦИСМ светските воени игри поради големиот број учесници и бројот на дисциплини се нарекуваат Воени олимписки игри.
Тоа го потврди и денешната свеченост на отварањето со рекорден број на натпреварувачи кои продефилираа на Централниот спортски центар во градот домаќин, а културно уметничката програма беше вистински мултимедијално доживување со пораки за мир ширум светот и атрактивно палење на олимпискиот оган.
Во Олимпиското село во Вухано, исто така, на свечен начин беа подигнати знамињата на сите земји учеснички на овогодишните игри.
Меѓународниот сојуз за воени спортови е формиран на 18 февруари 1948 година во Ница на темелите на идејата за воспоставување на мирен и безбеден свет и мисијата припадниците на вооружените сили ширум светот да се борат и натпреваруваат на спортско наместо на воено поле. Филозофијата и идеалите на организацијата се вградени во официјалното мото на ЦИСМ – „Пријателство низ спорт“.
Моментно во воениот спорт се вклучени 138 земји од светот.








