Новиот скопски Луна-парк делумно ќе почне со работа во август следната година. Тогаш ќе бидат пуштени во употреба седум реквизити, од вкупно предвидените 27, како дел од првата фаза.
Предвидено е паркот да биде комплетно готов до крајот на 2018 година.
Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, направи обиколка на стариот забавен парк на чие место практично почна да се гради новиот.
Градежните работи ги изведува фирмата „Жикол“, која предвидено е да добие околу 1,6 милиони евра.
„Започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк, со што скопјани, по 44 години ќе добијат нов, модерен Луна парк. Тој ќе се гради на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе чини околу 400 милиони денари, или околу 6,5 милиони евра“, информираше градоначалникот Трајановски.
Тој појасни дека изведбата на првата фаза значи изградба на нова инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти и партерно и хортикултурно уредување, за што биле издвоени околу 101 милион денари.
Како дел од оваа прва фаза е и поставување на седум реквизити, еден адреналински, еден воз на шини, два полуадреналински реквизита и три детски. За нив ќе се потрошат околу 130 милиони денари.
„Во рамки на целиот проект за изградба на новиот забавен парк во Скопје ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски“, рече Трајановски.
Своевремено беше планирано Градот Скопје да најде фирма која ќе го финансира, дизајнира и изгради паркот, а за возврат да добие можност да стопанисува со него 35 години.
Беа спроведени неколку тендери за изработка на проектот и за избор на изведувач.
Но, сите беа неуспешни. На огласите не се јави ниту една заинтересирана фирма.