Италијанските власти утрово соопштија дека го повлекле предупредувањето за цунами на јужниот брег на земјата, кое беше издадено по силниот земјотрес што ја погоди централна Турција и северозападна Сирија, при што загинаа стотици луѓе.
Неколку часа претходно, властите предупредија на потенцијален ризик од цунами на брегот на земјата по катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во областа Пазарџик, на околу 60 километри воздушна линија од сириската граница.
Тие ги повикаа граѓаните во крајбрежните области да се повлечат од брегот на повисоките места и да ги следат информациите од локалните власти.
Надзорната служба на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар за Ројтерс изјави дека се проценува ризикот од цунами.
Врз основа на податоците обработени од Центарот за предупредување од цунами (CAT), Одделот за цивилна заштита издаде предупредување за можни големи бранови на италијанскиот брег.
Исто така, од претпазливост, од 6.30 часот привремено беше запрен железничкиот сообраќај во јужните региони на Сицилија, Калабрија и Пуља.
(Фото: АФП)







