Необична забава на француските фудбалски репрезентативци во Русија го вклучи системот за тревога во нивниот хотел, во московска „Истра“. После победата во осмина финалето над Аргентина и враќањето од дискотека, неколку од нив дошле на идеја да почнат „војна“ со пена од апаратите за гасење пожар, што предизвикало активирање на алармот и доаѓање на вистински пожарникари.
Веста за чудната забава на „триколорите“ беше строго чувана тајна, за да не се случи коментарите во јавноста да ги пореметат подготовките за важното четвртфинале во кое тие славеа победа, што значи дека епизодата од бурната ноќ не им го промени победничкиот ритам. Којзнае што би било, ако по некој случај, излезеше поинаку…
После победата над Аргентина, најмладите членови на француската екипа добиле дозвола од стручниот штаб следниот ден себе си да си дадат малку одмор и триумфот да го прослават во една од московските дискотеки. Тие кои се грижат за репрезентацијата сметаат дека чуството за заедништво е многу важно за компактноста на тимот, а одењето во провод е еден од знаците дека сите „дишат како еден“. Им биле нарачани автомобили со темни стакла, за се да биде што е можно подискретно.
Во дискотеката се поминало во најдобар ред, а враќањето било околу три часот после полноќ. Највеселите, на кои не им се спиело, одлучиле малку да ја продолжат забавата во ходниците на хотелот, па тргнале во битка со противпожарни апарати.
Тогаш почнале неволјите. Се активирал алармот, а за кусо време, за само неколку минути со вклучени сирени стигнале и пожарникари. Правилата налагаат во такви случаи сите мораат да ги напуштат собите. Така, целата француска фудбалска екипа, заедно со членовите на стручниот штаб, од кои некои биле во пижами, завршија најнапред во холот на хотелот, а потоа и надвор пред зградата.
Селекторот Дидие Дешам, велат, не бил ниту малку воодушевен од оваа невкусна шега.
Сепак, се брзо се вратило во нормала, а фудбалерите на тренерот и на нацијата на следниот натпревар им се одолжија со победа, па и со освојување на Мундијалот.