Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, присуствуваше и се обрати на Централната манифестација по повод Меѓународниот ден на Бошњаците, кој со пригодна културно-уметничка програма се одбележа во Домот на Армијата во Скопје.
На свеченоста присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Зоран Шапуриќ, министер без ресор, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, како и дипломатски претставници, пратеници, градоначалници, претставници и почитувачи на бошњачката заедница од Македонија и соседните земји.
„Ми претставува посебна чест да бидам меѓу вас вечерва и заедно со вас да го празнуваме денот кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик“, рече премиерот Заев, упатувајќи искрени честитки по повод празникот 28 септември -Меѓународниот ден на Бошњаците.
Притоа, премиерот Заев истакна дека Бошњаците како составен и нераздвоен дел од богатството во нашата мултиетничка и мултикултурна држава, активно учествуваат во градењето на концептот „Едно општество за сите“.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев истакна дека Владата на Република Македонија, е посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, споменувајќи дека и лично е среќен, што од оваа учебна година во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.
„Нашата заложба е да останеме и понатаму посветени на креирање активни мерки за поткрепа и подобрување на состојбите во повеќе области кои се од значење за вашата заедница“, порача премиерот Заев потенцирајќи дека со честитките по повод празникот ја испраќа и пораката за заедничко продолжување со спроведувањето на реформите, за развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните.
„Да ги унапредиме можностите за културно и образовно напредување, како вредности патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции. Сите заедно како еден да учествуваме во изградба на силна, модерна и напредна Република Македонија во која негуваме европски вредности“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на свеченоста по повод националниот празник на Бошњаците.