Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Клеменс Која, новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.
На средбата, претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери – владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка во области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживотот, во сферата на медиумите и слободата на изразување.
Иванов изразил очекување дека Република Македонија и во иднина ќе ја продолжи соработката со ОБСЕ со цел поддржување на реформските процеси.
На средбата, било разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава и активностите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во пресрет на претстојниот референдум.
Претседателот изразил очекување дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР професионално ќе ја извршува својата задача во рамките на својот строго утврден мандат.







