Шпанската Примера ги претстави резултатите од работата во сезоната 2016/2017. Приходот, информираат челниците, бил 3,66 милијарди евра, точно 495 милиони повеќе тколку во сезоната која и претходела. Најголемиот процент (40 отсто) доаѓа од ТВ, сезонските билети и дневните карти донеле 746,6 милиони, а од продажбата на играчите биле инкасирани 745,5 милиони. Дури 33 од 42 професионални клубови имаат бенефиции.
Растот на приходите во однос на 2011 година е дури 64 отсто.
Примера веќе ја надмина Бундеслигата која годишно заработува 3 милијарди евра и полека се приближува кон англиската Премиер лига која е на чело со 5,1 милијарди.
Предвидувањата за сезоната 2017/2018 се дека ќе има приход од над 4 милијарди од кои 2,3 треба да ги донесат продажбата на ТВ правата, 1,3 од домашните навивачи и спонзори, а останатата милијарда треба да стигне од целиот свет.
Најзаслужен за порастот во фудбалскиот бизнис е Хавиер Тебас, претседателот на лигата. За него се интересираат Италијанците, но засега тој останува во Шпанија. Овие денови тој изјави дека постојат услови да го продолжи неговиот договор за работа и после 2020 година кога му истекува. Вели дека неговата плата од 2,2 милиона евра е јавна, истакната на сајтот на Лигата, и дека со огромно мнозинство (дури 35) ја одобриле клубовите.
Агилниот Тебас, кој го растегна лигашкото коло на три дена и го распореди времето за почеток на натпреварите за да може секој да се гледа на ТВ, најавува голема новост: извоз на натпревари. Тој тврди дека во скоро време натпреварите од Примера ќе се играат во странство, но прецизира дека тоа никогаш нема да биде „Ел класико“ Реал Мадрид–Барселона или кое друго дерби на лигата. Тебас вели дека НБА веќе го изведе тој експеримент и дека добрите примери треба да се следат.
Пиратеријата е проблем
Како еден од најголемите проблеми на Лигата, претседателот ја посочува пиратеријата. Заради нелегално копирање, тврди, Примера губи повеќе од 500 милиони годишно, но е уверен дека најмногу за 10 години овој проблем трајно ќе се реши.







