Сондата „Војаџер 1“ доживеа дефект што предизвика прекин на комуникацијата со Земјата, додека таа беше оддалечена околу 24 милијарди километри.Инженерите на НАСА се обидуваат да ја откријат причината за проблемот.
Станува збор за најоддалеченото вселенско летало од Земјата и е надвор од хелиосферата, во Сончевиот меур од магнетни полиња и честички што се протега далеку од орбитата на Плутон.
Надвор од хелиосферата е и „Војаџер 2“, но се наоѓа на околу четири милијарди километри поблиску до Земјата.

„Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ се исклучително значајни во научна смисла, првенствено поради тоа што се толку долговечни. И доста ги надминаа првично поставените цели – летање покрај Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун.
Иако беше лансиран во 1977 година, „Војаџер 1“ има три вградени компјутери, вклучувајќи и систем за податоци за летот кој собира информации од научните инструменти на вселенското летало и ги поврзува со инженерски податоци кои ја одразуваат моменталната состојба на сондата.
„Контролата на мисијата на Земјата ги прима тие податоци во бинарен код или во низа единици и нули“, пренесува Си-Ен-Ен.
Додека вселенското летало сè уште може да прима и извршува наредби кои ги испраќа тимот на мисијата, проблемот со таа телекомуникациска единица значи дека никакви научни или инженерски податоци не се враќаат на Земјата.
Инаку, на командите од Земјата им требаат 22,5 часа за да стигнат до „Војаџер 1“, а оние повратните се чекаат 45 часа.
Она што во моментов ги интересира научниците е како честичките и магнетните полиња се менуваат со оддалеченоста од хелиосферата, односно, во моментите кога започнува меѓуѕвездениот простор, подрачје во вселената меѓу два сончеви системи.
Во него „Војаџер 1“ влезе во 2012 година и би било штета сега, кога конечно сондата се наоѓа во тоа подрачје, тие податоци да недостасуваат.
Уште во првите години, „Војаџер 1“ испрати фотографии од планетите пред себе и откри две месечини околу Јупитер, Теба и Метис. Кај Сатурн, откри пет нови месечини и нов прстен наречен Г-прстен.
Инаку, иако „Војаџер 2“ беше лансиран 16 дена порано, на 20 август 1977 година, тој е побавен заради подолгата рута по која е испратен да истражува.
(Фото: НАСА)







