Германскиот министер за транспорт Александер Добринт (од Христијанско-социјалната унија ЦСУ) се најде на удар на критики откако повеќе медиуми за време на викендов објавија дека со години знаел за финансиските потешкотии на компанијата А1 Мобиле, која закупила дел од автопатот меѓу Хамбрург и Бремен, а сега и се заканува стечај, поради што кон средината на неделата била поднесена тужба против државата.
Компанијата А1 Мобиле во рамки на договорот за јавно-приватно партнерство ја прошири делницата од автопатот меѓу Бремен и Хамбург и требаше да се грижи за нејзиното одржување, а за возврат неколку децении да наплатува патарини за товарните возила.
Но, поради финансиска криза кон крајот на минатата деценија приходите биле многу помали од очекуваните. Од тоа време до денес А1 Мобиле не закрепна и се наоѓа на работ на банкрот, поради што поднесе тужба против Германија.
Според тврдењата на конзорциумот А1 Мобиле, како што пренесуваат германските медиуми, до сега во три наврати за медијација било одлучено дека државата е одговорна за тешката финансиска состојба на А1 затоа што после финансиската криза требала да го смени договорот, заради правилна распределба на загубата меѓу државата, односно Министерството за транспорт, и приватниот конзорциум. Министерството за транспорт, меѓутоа, одбило да плати надомест на штетата тврдејќи дека се работи за „претприемачки ризик“.
Според пишувањето на дневниот весник „Зидојче цајтунг“, државата би можела да биде принудена да исплати отштета во износ од 787 милиони евра, што е за повеќе од сто милиони евра од досега предвидените.
Социјалдемократската партија на Германија и парттите на парламентарната опозиција, Левица и Зелените, го обвинуваат министерот Добринт, политичар од коалициска партија на владеачката Демохристијанска унија, дека зад себе остава „куп урнатини“.
На Добринт му се забележува дека неговото министерство било поврзано со бројни скандали, од проблемите со лажирање на вредностите на издувните гасови, преку расправиите со партнерите од ЕУ за патарини за лични автомобили, до најновиот скандал околу неуспешниот проект за вклучување на приватни партнери во стопанисувањето на германските автопати.







